WhatsApp Image 2026-03-11 at 12.25.13

Жените во Бучим – важен дел од тимот и развојот на рудникот

По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш упатува искрена честитка и благодарност до сите жени кои со својата стручност, посветеност и професионализам секојдневно придонесуваат за развојот и успешното работење на компанијата.

Во компанијата моментално се вработени 69 жени од вкупно 654 вработени, што претставува околу 10,6 % од вкупната работна сила. Во периодот помеѓу минатогодишниот и овогодишниот 8 Март вработени се шест нови жени, што претставува позитивен показател за постепено зголемување на нивната застапеност во рударскиот сектор – индустрија во која традиционално учеството на женски кадар е помало.

Жените се активен дел од различни сегменти на работењето и не се присутни само во административните функции. Тие се вклучени и во техничките и оперативните процеси на рудникот како машински и хемиски инженери, геолози, оператори, техничари, лабораториски работници, како и раководители на служби, придонесувајќи со своето знаење и професионалност во функционирањето на компанијата.

Значајна е и нивната улога во управувачките структури. Од вкупно 59 раководни позиции, 11 се извршувани од жени (21,15 %), додека 41 позиција се извршува од мажи (78,85 %). Во рамките на топ менаџментот, една жена е дел од четиричлениот менаџерски тим, што претставува 25 % застапеност.

Оваа структура ја отсликува постепената динамика на поголемо вклучување на жените во процесите на управување. Компанијата континуирано посветува внимание на создавање еднакви можности за професионален развој, напредување и учество во раководни улоги, независно од родовата припадност. Поддршката на родовата еднаквост и охрабрувањето на жените да градат кариера во индустрии како рударството претставуваат важен дел од корпоративната култура.

По повод празникот, како знак на благодарност за нивниот придонес, беше организирано симболично одбележување на 8 Март. Дел од вработените жени имаа можност да учествуваат на организирано патување во Истанбул, кое овозможи заедничко дружење и одбележување на празникот во пријатна атмосфера. За оние кои не беа во можност да патуваат, компанијата обезбеди симболичен подарок за секоја жена, како израз на внимание и благодарност за нивниот секојдневен труд и професионален ангажман.

Со овој гест се истакнува почитта кон улогата и придонесот на жените во компанијата, кои со своето знаење, одговорност и професионалност се важен дел од нејзиниот развој и успех.

На сите жени им го честитаме 8 Март – Меѓународниот ден на жената, со благодарност за нивниот труд, знаење и инспирација.

Comments are closed.