Активностите се дел од поширока соработка насочена кон континуирано пошумување.
ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, во соработка со ЈП „Македонски Шуми“, започнува заедничка акција за пошумување и ревитализација на површини зафатени од пожари.
Првата теренска активност ќе се реализира на 25 април 2026 година, со пошумување на околу 2 хектари со 5.000 садници на планината Готен, која беше зафатена од пожар годинава. Целта е поддршка на обновата на шумскиот фонд и оживување на природата на зафатените површини.
Активностите се спроведуваат врз основа на Меморандум за соработка и се реализираат со стручна поддршка од ЈП „Македонски Шуми“, кое го обезбедува и садниот материјал. Процесот опфаќа подготовка на теренот, избор на соодветни видови и организирано пошумување. Во акцијата ќе се вклучат и вработени од Бучим, со што компанијата дава директен придонес во реализацијата на терен.
Од ЈП „Македонски Шуми“ посочуваат дека ваквите активности се дел од редовното управување со шумските ресурси, а нивната реализација во партнерство со компании овозможува поголема ефикасност и подобри резултати.
Директорот на ЈП „Македонски Шуми“, Здравко Трајанов, изјави: „Пошумувањето на опожарени површини претставува важна мерка за унапредување на шумскиот фонд, која бара стручно планирање и координирана реализација во согласност со утврдените шумскостопански практики. Позитивни резултати се постигнуваат кога ваквите активности се реализираат во партнерство со компании, со што се обезбедува поефикасна реализација на терен и долгорочна одржливост на обновените површини. Ваквиот пристап има потенцијал да стане пример за добра пракса на национално ниво.“
Заменик генералниот директор на Бучим, Ивица Карапетров, изјави: „Соработката со ЈП ‘Македонски Шуми’ претставува значаен предуслов за квалитетна и стручна реализација на активностите за пошумување. Преку ваков партнерски пристап се обезбедува ефективна реализација на терен. Пошумувањето на опожарени површини е процес со долгорочно значење, а заедничките активности придонесуваат кон постепено обновување на шумскиот фонд и постигнување одржливи резултати.“

