WhatsApp Image 2026-04-29 at 09.25.11 (7)

Бучим на кариерниот ден во Штип: младите директно до работодавачите

ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш беше дел од Отворениот и кариерен ден 2026, во организација на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, настан кој повторно ги обедини младите, академската заедница и бизнис секторот со јасна цел – градење на функционална врска помеѓу образованието и пазарот на труд.

Настанот, одржан во Штип, привлече голем број средношколци и студенти кои имаа можност директно да се информираат за можностите за кариерен развој, практична обука и вработување. Претставниците на „Бучим“ остварија непосредна комуникација со младите, презентирајќи ги условите за работа, програмите за развој и потенцијалот за долгорочна кариера во компанијата.

Како компанија која континуирано вложува во развој на човечки ресурси, „Бучим“ активно придонесува кон создавање квалификуван кадар преку соработка со образовните институции и поддршка на практичното учење.

„За нас, ваквите настани се многу повеќе од презентација – тие се можност за директна комуникација со идните кадри. Младите денес бараат јасна перспектива, практично искуство и можност за развој, а наша обврска како компанија е да им ги понудиме тие услови. Само преку ваква соработка помеѓу образованието и бизнис секторот можеме да создадеме подготвени и конкурентни професионалци“, изјави Мирослав Петров, раководител на човечки ресурси во Бучим.

Присуството на над 50 компании и интересот од околу илјада посетители ја потврдуваат растечката потреба од вакви платформи, кои овозможуваат младите навремено да се ориентираат и да го планираат својот професионален пат.

„Бучим“ и понатаму ќе продолжи да инвестира во младиот потенцијал, преку создавање можности за практична обука, вработување и континуиран развој, како дел од својата долгорочна определба за одржливо и одговорно работење.

Comments are closed.